Само минатата недела се пријавени 139 случаи на грип, што претставува зголемување за 17,8 отсто во однос на периодот од 9 до 15 декември, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Деведесет и пет лица се на возраст од 15 до 64 години. Дваесет и четири се деца на возраст од пет до 14 години, 12 на возраст до четири години, а осум се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (12,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст до четири години.
„Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар – 42, Гостивар – 33, Куманово – 22, Тетово – 15, а во Прилеп, Скопје, Кавадарци, Охрид, Струга, Неготино, Македонски Брод, Струмица, Битола, Свети Николе, Кратово и Штип, бројот на заболени е еднаков или помал на пет. Во 14 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во Гостивар – сезонска, а во Дебар – средна активност на вирусот на грип“, пишува во извештајот.
Во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип заболувања изнесува 799, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е намален за 10,2 отсто.
Заклучно со 22 декември, во државата се вакцинирани вкупно 72.125 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.











