Израел изврши серија воздушни напади длабоко во територијата на Иран, како одмазда за големиот ракетен напад врз земјата на почетокот на овој месец. Метите кои Израел ги одбра, а кои вклучуваат фабрики за производство на ракети и системи на противвоздушната одбрана на Иран, посочуваат дека можеби за прв пат годинава, Тел Авив одлучи да го прифати советот на Вашингтон да одговори на нападот на Техеран на начин кој нема да предизвика дополнителна ескалација во регионот.
Во текот на неколкуте недели во кои Израел се закануваше со напад врз Иран, како потенцијални мети се спомнуваа ракетните, нафтените па дури и нуклеарните капацитети на исламската република, но тоа не се случи.
Потврдувајќи го нападот, израелската армија се пофали дека сега има поголема слобода за дејствување во Иран.
Следејќи ги насоките на политичкиот ешалон, извршивме прецизни и фокусирани напади врз цели во различни области во Иран. Меѓу нив имаше производствени капацитети кои Иран ги искористи при неговите напади врз државата Израел изминатава година. Во исто време, ги таргетиравме и иранските земја-воздух ракетни капацитети и нивните воздухопловни способности чија намера беше ограничување на израелската слобода на оперирање во Иран. Сега Израел има поголема слобода за оперирање во Иран, изјави портпаролот на Израелските одбранбени сили, Даниел Хагари.
Техеран соопшти дека освен загинувањето на двајца припадници на иранската армија при израелските напади, била причинета незначителна штета. Иранските медиуми дополнително се обидоа да го минимизираат значењето на израелските напади. Арапските земји ги осудија нападите, додека западните земји го повикаа Иран да не се одмаздува за нападот.
Ова е ситуација која сѐ уште се развива, а ние, секако внимателно ја следиме заедно со нашите партнери. Јасно е дека Израел има право да се брани од иранската агресија, исто така јасна е и потребата да се избегне дополнителна ескалација во регионот и сите страни да покажат воздржаност. Иран не треба да одговори. Ќе продолжиме да работиме со сојузниците за деескалирање на ситуацијата ширум регионот, порача британскиот премиер кир стармер.
И покрај реториката која ја користат Тел Авив и Техеран, и двете земји во своите постапки внимаваат да не ја поминат замислената граница по која нема враќање. Израелските медиуми денеска објавија дека Израел, преку трета држава испратил известување до Иран за престојниот напад. Светот сега повторно го очекува потегот на Иран, дали исламската република ќе одлучи да не одговара на нападот, како што беше случајот по инцидентот во Исфахан, или ќе одлучи да преземе нешто друго.
Игор Трајков











