Точно на денешен ден, пред 25 години НАТО започна со воена интервенција врз СР Југославија. Како причина за своето инволвирање тогаш го наведе „етничкото чистење“ што тогашниот претседател Слободан Милошевиќ го спроведуваше врз Албанците на Косово.
На 24 март 1999 Југославија беше силно бомбардирана од силите на НАТО. Тоа е прва војна на НАТО против суверена држава во неговата 50-годишна историја.
Во 1989 година, Милошевиќ ја укина автономијата на Косово. Етничките тензии пораснаа. Во 1996 година се појави ОВК – паравоена организација која се бореше против српските репресалии.
Српската војска возврати и со тоа беше означен почетокот на војната во 1998 година.
Странците тогаш се обидуваат да помогнат да се најде компромис со кој ќе се стави крај на војната.
Февруари 1999, САД, Франција, Велика Британија, Русија и Германија ги повикуваат завојуваните страни на преговори во Рамбује, кај Париз, со цел да издејствуваат ограничена автономија за Косово.
По повеќе средби во Франција и последната посета на американскиот дипломат Ричард Холбрук на Белград, преговорите пропаѓаат.
Југославија одби да го потпише договорот.











