„Судот на обвинетата ѝ изрекува алтернативна мерка – условна осуда. Две години казна затвор која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело”, рече судијката Снежана Марковска при изрекување на првостепената пресуда во Кривичниот суд.
Пешевска одговара дека на директорот на клиниката за Онкологија, Нино Васев му оставила на располагање свој факсимил и лозинка за влез во компјутерскиот систем и со тоа му овозможила да препишува терапија на седум пацинети со што тешко им било нарушено здравјето со неподобен начин на лекување.
Судијката објаснуваше дека ги имала во предвид сите околности, меѓу кои и нејзиното признание на вина и каење, дека целта ѝ било пациентите да добијат поефикасна услуга, професионална кариера но и последиците по здравјето на пациентите.
Судот утврди дека на обивнетата ѝ се става на товар небрежно соизвршителство во умислено кривично дело, рече судијката. За делото тешки дела против здравјето на луѓето, законот предвидува казна затвор од три месеци до три години. Судијката рече дека очекува самата закана од затворска казна да делува превентивно.
Пешевска на минатото рочиште објаснуваше дека таа не ги лекувала седумте пациенти чие здравје, според обвинителството, се влошило поради несоодветнот начина на лекување, туку онкологот Нино Васев и дека не очекувала да ѝ бидат злоупотребени факсимилот и лозинката. Судењето за несовесно лекување продолжува против Васев и уште двајца онколози.
Елена Ивановска Мукоска











