Штипската полиција утрово го уапсила 54-годишниот С.З. под сомнение дека со нож ѝ нанел смртоносен убод на својата 84-годишна мајка во семејниот дом.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил околу 02:00 часот, а смртта била констатирана од Итната медицинска помош.
По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција, а на местото на злосторството бил извршен увид.
Од МВР потврдуваат дека осомничениот, кој е регистриран како зависник од алкохол, ќе се соочи со кривична пријава по итна постапка за убиство.
На местото на настанот бил пронајден и одземен остриот предмет со кој било извршено делото.
– На 08.08.2025 во 04.15 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода С.З.(54) од Штип. Тој се сомничи дека околу 02.00 часот во семејниот дом во Штип со остар предмет и нанел убодна рана на неговата 84-годишна мајка, по што таа починала. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција. Увид на лице место извршила екипа од СВР Штип под раководство на Јавен обвинител од ОЈО Штип, при што остриот предмет бил пронајден и одземен за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка по член 123 став.2 точка 2 од Кривичниот законик, официјално потврдија од МВР.
Според информации на штипската ТВ „Стар“, С.З. бил поранешен познат угостител, но поради зависности од алкохол и коцка, последните години бил во тешка состојба.
Од своите најблиски често барал пари, што дополнително го влошувало семејниот однос.











