Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ацевски: Децата денес се воспитуваат повеќе од социјалните мрежи отколку од семејството и училиштето

/

пред 144 дена

Сподели преку :

Училиштата и семејствата сè потешко успеваат да одговорат на новите облици на врсничко насилство, кое според професорот Илија Ацевски е директно поврзано со влијанието на социјалните мрежи и недостатокот на институционална грижа.

Во дебатата на „Топ Тема“, Ацевски посочи дека младите денес поминуваат и по осум часа дневно на интернет, каде што се формира нивната свест, однесување и начин на комуникација.

„Нивната свест и реакција на она што го доживуваат се формира од социјалните медиуми, во сајбер просторот, сè до оној момент кога ќе ги понесе моментот и ќе направат нешто во реалноста. Истражувањата покажуваат дека младите во просек поминуваат 7-8 часа на интернет. Замислете што значи тоа за едно дете од 15 години кое таму го формира своето однесување и начинот на кој практично се изразува“, рече Ацевски.

Тој предупреди дека кога семејството е изолирано, а училиштето неподготвено да се справи со новите предизвици, децата остануваат препуштени сами на себе.

„Кога семејството нема влијание, а училиштето не е подготвено да се соочи со таа состојба, добиваме дете кое е оставено само на себе. Затоа и се зголемува насилството, затоа што се губи меѓупросторот меѓу реалниот живот и сајбер просторот“, истакна тој.

Според Ацевски, проблемот е продлабочен и од недоволната вклученост на институциите.

„Овие истражувања со години говорат за недостаток на грижа, за слаб родителски надзор и за преокупирани родители на кои децата им стануваат товар. Прашањето е и дали социјалните институции се оспособени да се справат со тоа што го доживуваат децата денес. Јас мислам дека не се. Деведесет проценти од парите во институциите се трошат за плати, а многу малку за вистинска поддршка и работа на терен“, додаде Ацевски.

T.Д.