Актерката Анџелина Џоли ја посети египетската страна од преминот Рафа во Газа, придружувана од американска делегација. Официјалните лица ја пречекаа холивудската актерка и поранешна специјална пратеничка на агенцијата за бегалци на ОН. Таа разговараше со тамошните хуманитарни работници и волонтери.
Локалните медиуми објавија дека целта на посетата била да се сретне со повредени Палестинци кои се згрижени во Египет и да се разгледа испораката на помош во Газа. Агенцијата „Асошиејтед Прес“ објави дека Џоли разговарала и со пациенти во болница во блискиот град Ариш.
Во Рафа, Џоли се сретна со членови на непрофитната организација за хуманитарна помош Црвена полумесечина и со возачи на камиони одговорни за транспорт на хуманитарна помош во Газа.
Граничниот премин Рафа требаше да биде повторно отворен според прекинот на огнот што е во сила во Газа од октомври , но досега е затворен. Египет и шест други земји, вклучувајќи ја и Саудиска Арабија, „ја повикаа меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел, како окупаторска сила, веднаш да ги укине ограничувањата за влез и дистрибуција на основни залихи“ во Газа.
На почетокот на декември, Израел објави дека преминот Рафа ќе биде отворен само за оние кои сакаат да ја напуштат Газа, на што властите од Каиро брзо негираа дека тие одобриле таков потег. Египет е против населување на палестински бегалци во неговите граници.
Израел соопшти дека ќе им дозволи на Палестинците да излезат од Газа, а не да влезат, само додека милитантите на Хамас на територијата не ги вратат сите заложници земени на 7 октомври 2023 година. Посмртните останки на еден заложник сè уште се во Газа.
Според Министерството за здравство управувано од Хамас, откако започна прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, во Газа се убиени 416 лица, а 1.142 се ранети. Вкупниот број на жртви од војната меѓу Палестинците е најмалку 71.271.
Извор на фотографија: Социјални мрежи











