На пожарот во Националниот парк „Јасен“ се фокусирани речиси сите расположливи сили и ресурси, се дејствува од земја и од воздух за да се спречи неговото ширење и да не се повтори сликата од минатата година кога речиси еден месец се гаснеше „пожарот монструм“ кој опустоши стотици хектари шума во националниот парк. Активен е уште еден пожар, исто така на територијата на Македонски брод а два пожари се под контрола.
Состојбата во Јасен е тешка бидејќи таму веќе неколку дена гори шумски пожар кој беше ставан под контрола но ноќеска повторно се разгореле пламените јазици. Хеликоптерите на армијата и на полицијата гасат од воздух додека на земја се полициските и армиските специјални единици кои заедно со вработените во националниот парк и пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола.
„Рано наутро вез него дејствуваа два полициски хеликоптери и еден армиски хеликоптер додека од земја во гаснењето учествуваат 15 припадници на специјалните единици на МВР а подоцна им се приклучија и 26 припадници на специјалните единици на АРМ. Во гаснењето на овој пожар учествуваат екипите на националниот парк „Јасен“ како и неколку екипи на „Национални шуми“ кои се обидуваат од земја да воспостават контрола врз овој исклучително тежок за гаснење пожар“, вели Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Од АМСМ соопштија дека поради пожарот целосно е затворен за сообраќај патот од селото Брезница, преку Јасен, до Македонски Брод.
Екипи на дирекцијата за заштита и спасување и пожарникарите гаснат пожар кој избува во атарот на селото Крапа, каде до пред 20-тина дена на локација во близина со денови се гаснеше друг шумски пожар, а Ангелов очекува до крајот на денот да биде изгаснат.
Се гаси и кај селото Свиларе, а под контрола се пожари во близина на кумановско Диво насеље и на територијата на Општина Крива Паланка.
Огнен Чанчаревиќ











