Европската унија е последна сламка за спас на владата на СДСМ и Ковачевски и по секоја цена сакаат успех на тоа поле, смета универзитетскиот професор Петар Атанасов во вечерашната Топ Тема на Телма. Според него, поради тоа владата не гледа дека дека постои незадоволство, и дека начинот на кој тоа го прават не е добар.
Повторно се прави една стратешка грешка од страна на високата владина политка, се поистоветуваат интересите на владата, на партијата што ја прави владата и на државата. Да се разбереме, СДСМ и владата се една работа, државата е друга работа. Претходно имавме случаи кога тоа се случуваше. Во ниеден случај тоа не смее да се поистовети. Не може ако ви е вас само ЕУ во агендата и тука да барате политички пробив. Еве нека учат од нивните колеги од Софија, на крајот на краиштата, како се бранат интересите на државата. Мислам дека во контекст на овие две прашања треба навистина да дојдеме до државните интереси, кои се државните интереси на граѓаните, на државата, на сите нас. Ако е од интерес ЕУ, на кој начин ЕУ, прашува Атанасов.
Вели дека прашањата кои опозицијата секојдневно ги поставува се валидни.
До кога ние ќе попуштаме, кому ќе попуштаме, по која цена ќе попуштаме, што е линијата или границата на таа приказна, зошто ние постоиме, до каде ќе одиме? Па нас ни се случија толку многу работи што навистина ги фрустрираат Македонците, и сите оние што живеат во оваа држава подолго време. Навистина треба да се биде разумен и со трезвена глава и да се проголта сето она на кое бевме сведоци. Ковачевски не работи како што треба, и мислам дека можеби не создава нови проблеми, но старите проблеми се тука, тој некако ги бутка од лево во десно, ги претура и мисли дека тој спас, од таа бројка во парламент ќе ги извади и него и државата, но тоа нема да биде така, смета Атанасов.
Вели дека ако ЕУ има стратегија и знае што сака да направи во регионот, треба тоа да ни го каже.
Конечно нека ни каже ЕУ каде е крајот, каде е границата, која е последната концесија, или отстапка која мораме да ја направиме. Нас ни се нуди една огромна отстапка која мораме да ја проголтаме заради 140.000 купени бугарски пасоши, да бидеме реални, и сега нас повторно ни се кажува дека ова треба да направиме, ова да промениме, но што во следните 10 години. Наредните 10 години какви ние блокади ќе треба да решаваме, колку пати ќе треба да ги решаваме? На секое поглавје од ЕУ ли ќе треба да го решаваме, вели Атанасов.











