Претседателот Џо Бајден упати погрдни зборови кон рускиот претседател Владимир Путин за време на неговиот престој во Сан Франциско и предупреди дека секогаш постои закана од нуклеарен конфликт, но дека егзистенцијалната закана за човештвото и понатаму останува климата.
Ова не е првпат американскиот претседател да користи таков речник. Тој и во 2022 година беше снимен како „пцуе“ по новинар од „Фокс њуз“. Вербалните напади на Бајден против Путин, нагло се интензивираа, особено по смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
„Не знаеме што точно се случи, но нема сомнеж дека смртта на Навални е последица на нешто што го направија Путин и неговите насилници“, рече Бајден во Белата куќа.
Кремљ негираше вмешаност во смртта на Навални и рече дека западните тврдења дека Путин е одговорен се неприфатливи. Бајден и Путин остануваат длабоко во несогласување околу руската инвазија на Украина пред две години, поради која Русија беше санкционирана од Соединетите Држави и другите западни земји.
Реакциите на Бајден доведоа до дополнително заладување во веќе огорчените американско-руски односи.











