Најголемиот оперативен кран на источниот брег на САД поставен е денеска во пристаништето во Балтимор и подготвен е да започне со расчистување на остатоците од мостот „Френсис Скот Ки“ кој се урна во вторник, кога во него удри карго бродот „Дали“.
Кранот може да подигне товар и до 1.000 тони и се очекува од утре да извлекува остатоци од конструкцијата на мостот од реката Патапско, соопшти денеска портпаролката на американската крајбрежна стража, Кармен Карвер, пренесува „Ројтерс“.
Друг, сличен кран, е пат кон Балтимор и се очекува дека наскоро ќе пристигне и ќе се вклучи во операцијата за вадење на делови од конструкцијата на урнатиот мост.
Мостот „Френсис Скот Ки“ е изграден во 1972 година, беше долг околу три километри и и8маше четири сообраќајни ленти на височина од 56 метри над реката.
За сообраќај беше отворен во 1977 година и именуван е по Френсис Скот Ки кој во 1814 година ја напиша химната на САД во која се слави победата на Американците над Британците во битката кај Балтимор.
Бродот „Дали“, кој удри во носечки столб и предизвика уривање на конструкцијата на мостот, е сопственост на данската компанија „Маерск“ и од пристаништето во Балтимор исплови кон Шри Ланка. Бродот е долг 289 метри и на денот на несреќата пловеше под знамето на Сингапур.











