Во Основен суд во Битола и денеска се одложи расправата во која му се суди на Љупчо Георгиевски, поранешен претседатeл на згаснатото бугарско здружение „Ванчо Михајлов“ за ширење раздор, нетрпеливости и омраза кон македонскиот народ и придобивките од НОБ и зa ширење ксенофобија преку компјутерски систем. Новинарите не можеа да го снимаат и фотографираат судењето, затоа што им беа одземени телефоните и беше забрането камерите да влезат во судница. Обвинителката Оливера Нечовска, поднесе предлог да се казни Насер Рауфи, адвокатат на обвинетиот поради одолговлекување на судскиот процес, а, пак, Рауфи побара изземање на обвинителката.
„Тој нејзин анимозитет датира уште од почетокот на обвинителската истрага, тоа продолжува и денеска, а сега ми беше доставен предлог за казна, затоа што сум ги одолговлекувал постапките, изјави Насер Рауфи, адвокат на Љупчо Георгиевски.
Инаку обвинетиот Георгиевски, меѓу две рочишта, во истите простории каде делуваше згаснатото бугарско здружение „Ванчо Михајлов“, сега активности има преку новорегистрираното „Една роза“ кои ги споделува на социјалните мрежи. Минатата недела, како бугарско културно наследство, беше промовирано третото издание на „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински.
„Една роза е ново здружение, ќе го промовираме нашето културно наследство“, вели Љупчо Георгиевски.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, вели токму за овие провокации, во Основното јавно обвинителство денеска поднесе уште една кривична пријава против Георгиевски, затоа што и покрај тоа што здружението не постои, сепак, продолжува говорот на омраза преку ФБ страницата Културен центар „Иван Михајлов“.
„Целта е провокација и играње со чувствата на македонската самосвест. Европската конвенција за човекови права го гарантира нивното право на слобода на здружување, но во член 17 вели се забранува злоупотреба на тоа право на здружување. Кривичната пријава ја поднесов за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем“, изјави Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието
И покрај тоа што медиумските екипи имаа акредитација од Врховниот суд, судијката Цветанка Никодиновска го попречи известувањето на медиумите од судскиот процес, со тоа што забрани камери да влезат во Судот и побара да им бидат одземени мобилните телефони на новинарите, а забрани да ги користат дури и во холот на судот, пред да почне судњњето, без да ги образложи причините. Новинарите беа во судница само како публика, а кога расправата беше при крај, ги спречи екипите на ТВ Телма и „Сакам да кажам“ да ја напуштат судница и се закани дека следниот пат нема да им дозволи да присуствуваат. Наредното рочиште го закажа за јануари.
Емилија Мисирлиевски











