Безбедносната состојба во државата е стабилна и не постојат индиции за нејзино можно загрозување, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по одржаната 19-та седница на националниот Совет за безбедност.
„Надлежните претставници на институциите информираа за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово. На седницата беше констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија, согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност“, се вели во дописот од претседателскиот кабинет.
Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Пендаровски, на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност и директорот на Агенцијата за разузнавање.











