САД побарале на денешната седница на Советот за безбедност на ОН да биде закажано гласање за нивната последна нацрт-резолуција со која се поддржува планот за „итен прекин на огнот и ослободување на заложниците“ меѓу Израел и Хамас.
За последниот предлог кој произлезе од преговорите во Каиро сѐ уште се чека одговор од Хамас, откако ситуацијата беше дополнително искомплицирана со израелската операција за спасување на четворица заложници во Газа.
Според Хамас, во операцијата на израелските специјални сили биле убиени 274-ца цивили.
-Пристигнаа возила со палестински регистарски таблички, како да носат хуманитарна помош, но од нив излегоа војници, израелски специјалци, во област полна со раселени лица. Ова е град на шатори во кој немаше борци на отпорот, само цивили и деца.“
Во обид да го спаси договорот за прекин на огнот, американскиот државен секретар Антони Блинкен по осми пат од почетокот на војната се враќа на Блискиот Исток.
Понудениот план се состои од три фази и предвидува ослободување на заложниците и шест неделен прекин на огнот, кој по продолжувањето на преговорите може да резултира со комплетно повлекување на израелската армија од Појасот Газа.
Во меѓувреме продолжија превирањата во израелската влада откако вчера третиот член на воениот кабинет Бени Ганц со поднесе оставка и ја напушти и владината коалиција.
Ганц претходно се закани дека ќе се повлече од владата доколку премиерот Нетанјаху не претстави конкретен план што ќе се случува со Газа по завршувањето на војната.
Тој вчера го обвини Нетанјаху дека го приоритизирал неговиот политички опстанок над безбедноста на државата.
Бени Ганц – Поранешен министер во израелскиот воен кабинет
-Реалноста не е лесна, компањата ќе трае со години. Не можам да ви ветам лесна и брза победа. Заслужувате многу повеќе од празни ветувања, но Израел може и мора да оствари вистинска победа.“
Соопштувајќи ја оставката, Ганц го повика и вториот член на воениот кабинет, министерот за одбрана Јоав Галант исто така да си поднесе оставка.
И самиот Галант претходно се закани дека ќе ја напушти владата доколку владата одлучи повторно да ја окупира Газа по завршувањето на војната.
Токму судбината на појасот по наводниот пораз на Хамас е централната причина за несогласувањата во владата.
Десничарските коалициони партнери бараат Израел да преземе директна контрола над Газа, додека поумерените политички партии сакаат Палестинците сами да се управуваат.
Игор Трајков











