Упис на ученик со историја на насилно однесување е причината поради која ученици од повеќе одделенија денес ја бојкотираа наставата во основното училиште „11 Октомври“ во општината Центар. Раководството на училиштето дало согласност за упис на детето, но потоа ја повлекло откако од родителскиот совет добиле документи во кои јасно стои дека трансферот на ученикот треба да биде во рамките на Општината Аеродром и да се води институционално.
Директорката на „11 Октомври“ Даница Блажевска, открива дека согласноста за упис била дадена откако родителите на детето дошле кај неа во училиштето и соопштиле дека поради промена на адреса на живеење сакаат да го запишат нивниот син во „11 Октомври“. Меѓутоа тогаш испливале информациите дека детето има историја на насилно однесување и дека неговото матично училиште „Лазо Ангеловски“ изрекло мерка за преместување на детето и тоа било префрлено на онлајн настава. Блажевска побарала информации од колешката во „Лазо Ангеловски“.
„Не добивме одговор од нивна страна. Одржавме работни средби со МОН, Државниот просветен инспекторат и педагози“, вели Даница Блажевска, директорка на ОУ „11 Октомври“.
Таа појаснува дека трансферот на ученикот мора да се води институционално.
„Во тој допис што го добивме од страна на родителите стои дека Општина Аеродром треба да посредува во нивните училишта се со цел да дојде до преместување на ученикот. Од тој допис ние дојдовме до заклучок дека за ученикот се барало преместување согласно упатството кое е издадено од МОН“, додаде Блажевска.
Директорката на „Лазо Ангеловски“ вели дека третооделенецот сѐ уште е нивен ученик, трансферот бил побаран од родителите, а неинституционално и поради тоа не смеела да дава никаква информација за детето. Таа смета дека протекувањето на документите со историјата на ученикот е кривично дело.
„Имаме поднесено ургентно известување до Општина Аеродром, Министерството за образование и наука и Центарот за социјална работа. Во известувањето ние не бараме преместување на ученикот како мерка туку ние ги известуваме дека го преместуваме ученикот на онлајн настава како вонредна мерка за одреден период поради заштита на останатите ученици. Во меѓувреме од училиштето „11 Октомври“ не ги земаат документите за упис на детето од родителите со назнака дека директорката не е таму. Сѐ уште документите се кај родителите со тоа формално правно ученикот е наш ученик“, вели Магдалена Петреска, директорка на ОУ „Лазо Ангеловски“.
Родителите кои на своја рака ги прибавиле документите од целиот случај и откриле дека и родителите на детето и неговото матично училиште се обиделе да ја изиграат процедурата денеска револтирани не ги пуштија своите деца на настава.
- „Бојкотот е поради незадоволството на родителите за работата на институциите за овој случај“ вели Ивана Петковска, родител.
- „Сè додека институциите не преземат нешто и не се реши проблемот. Не станува збор само за едно дете туку за повеќе деца“ вели Росица Младеновска Андоновска, родител.
Директорот на просветниот инспекторат Шабан Алајбегу изјави дека сè уште се изготвува записникот кој ќе биде готов до крајот на денот.
Тамара Марковска











