Сите возови на Еуростар линијата помеѓу Лондон и Париз, како и бројни линии кои водат на север од француската престолнина, кон Брисел и Холандија беа запрени денеска откако неексплодирана бомба од Втората светска војна беше откриена во близина на пругата.
Илјадници патници останаа заглавени на најфреквентната железничка станица во Париз, откако беа откажани сите 10 планирани возови на линиите помеѓу Лондон и Париз.
Бомбата била откриена утрово додека работници расчистувале земја во областа Сен Дени, во северниот дел од Париз.
Откривањето на неескплодирана бомба или граната од Втората светска војна не е невообичаена појава во Франција, но речиси 80 години по завршувањето на војната нивното откривање во урбани области е вистинска реткост.











