Буџетот за одбрана догодина ќе расте. Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, информира дека денеска во ресорот се одржува состанок со две точки за разгледување.
На маса се ставени новиот буџет за следната година, како и програмските цели, но и обврските коишто произлегуваат од нашето членство во НАТО Алијансата.
Лидерите на земјите од НАТО се обврзани да потрошат минимум два проценти од својот БДП за одбрана.
„Сѐ она што веќе е потпишано ќе го работиме и ќе го исплаќаме и сакам сите да знаете дека тоа се огромни средства за Министерството за одбрана. Но, ние ќе дадеме сѐ од себе за да се зголемува буџетот. Оваа година ќе програмираме да биде над 2,15%, согласно бруто-домашниот производ. Денеска еве ќе го имаме тој состанок и програмираме над 2,30%, Буџетот да биде зголемен. Останува да видиме што ќе се случува, се разбира, последниот збор ќе го има Министерството за финансии“, изјави министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Во насока на модернизацијата на Армијата и вложувањето во капацитетите, министерот информира дека ќе продолжи набавката на италијанските хеликоптери „Леонардо“. За две години ќе пристигне првиот хеликоптер во земјава, а потоа ќе се комплетира бројката од осум нови вакви летала до 2028 година.
Според министерот за одбрана, хеликоптерите се прескапи, но ние мора да го спроведеме договорот и штета е што сега ги немаме на располагање при големата криза со пожарите.
За набавката на италијанските хеликоптери, ДКСК отвори предмет пред неколку месеци. Денеска Мисајловски побара од нив да се произнесат до каде е овој случај.
„Да повикам да се разгледа повторно таа претставка и да стигне до нас, бидејќи сакаме да знаеме што се случувало во минатото. Но, тоа што е склучено по Договор ние мораме да продолжиме да го работиме, а тоа е една огромна набавка од преку 300 милиони евра за нови осум хеликоптери. Во 2026 година се очекува првиот и во тек на годините да пристигнат останатите хеликоптери. Мене ми е навистина жал што ние во овој момент ги немаме хеликоптерите, бидејќи знаете што се случува во Македонија и навистина нѝ се потребни“, додаде Мисајловски.
Генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој беше назначен за началник на Генералштабот на Армијата, одговарајќи на прашање во врска со предметот којшто се води во Државната комисија за спречување на корупцијата, кратко порача дека нема да коментира укази и наредби на претседателот на државата.
Антикорупциска реагираше по претставка од страна на Алијанса за Албанците, од каде што сметаат дека Лафчиски не ги исполнува условите за позицијата бидејќи наводно бил четири нивоа под стандардите.
„Јас пред сѐ сум војник, гледате дека носам униформа. Тука сум да командувам и да раководам со Армијата и да служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката. А, уште помалку не би коментирал укази и наредби коишто се согласно Закон“, рече генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на Генералштабот на Армијата на РС. Македонија.
Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, воениот врв го беше домаќин на турскиот амбасадор во земјава.
Беше извршено примопредавање на донација од дронови, средства за врски и комуникација, ноќни визири и интендантска опрема од Република Турција, за потребите на специјалните единици на Армијата.
Петар Догов











