За чиста вода во светот се водат војни, сепак постојат држави како што е Македонија каде резервите се големи, а недоволно ценети. Честопати во нашето општество можеме да видиме загадени речни и езерски корита, а мебелот и пластиката стануваат дел од нивниот декор. Малата општествена свест за водата никако да се зголеми, па така, пивката вода денес заменува со флашираната како можна „поздрава опција“. Многумина од луѓето кои ги прашавме сметаат дека старите водоводни мрежи треба да се обноват, но и дека е потребна поголема еко акција за подигнување на свеста за заштитата и зачувувањето на пивката вода.
Анкета на граѓани
„Сега почнувам да пијам повеќе флаширана вода… гледам дека притисокот паѓа, стар е водоводот и претпоставувам дека со таа инсталација и водоводна мрежа дека ние имаме неквалитетна вода за пиење“, вели анкетиран граѓанин.
„Треба да се поработи на квалитетот, има многу хлор и бигор“, рече друг анкетиран граѓанин.
„Цефките треба да се променат во тоа е работата, и затоа пијам флаширана вода. Од мали нозе децата треба да ги учиме, треба образованието да се поправи, треба од дома.. многу работи треба да се поправат“, додава друг граѓанин.
Денес се одбележува светскиот ден на водата. Од управата за хидрометеоролошки работи ја истакнаа важноста за значењето на водата, која и денес останува еден од најнерамномерните распределени ресурси. Директорот на управата Игор Лазаровски истакнува дека треба многу да се внимава на околината на изворите од каде се добива водата за пиење, бидејќи секогаш постои ризик од нејзино загадување. Тие како управа континуирано прават анализи за квалитетот на водата на реките и езерата, но и на подземните води, се со цел да се следи состојбата, и ако е потребно да се апелира, ако има загадување. Сепак тој нагласи дека е потребен поголем инспекцискиот надзор, кој е клучен во справување со загадената вода.
„Во Македонија водата не се цени доволно, ние водата се става здраво за готово. Македонија е богата со извори на вода, и тоа чиста вода, но треба да се обрне поголемо внимание за нејзина заштита, и да се однесуваме малку посовесно за трошењето на водата. Треба да има поголем инспекциски надзор во државата. Инспекторатите во државата секогаш имаат проблем и недоволно ресурси, па затоа треба да се обрне повеќе внимание. Бидејќи водата значи се, без вода нема живот“ изјави Игор Лазаровски, директор на Управа за хидрометеоролошки работи.
Покрај поголемата општествена свест за зачувување на водата, во државата е потребна и обезбедување на поголеми инвестиции, кои се клучни за чисти реки и езера. Во Македонија недостасуваат многу пречистителни станици, па така голем процент од отпадните води се влеваат во реките и ги загадуваат. Сепак за да сакаме да ја видиме промената, треба да започнеме од себеси, така што можеме секојпат кога ќе миеме заби да ја исклучиме чешмата, и да зачуваме пивка вода за која подоцна ќе бидеме благодарни.
Tеа Димковска











