За да се скрати долгото чекање на граничните премини, системот „One stop shop“ навистина треба да профункционира. Министерот Панче Тошковски вели дека до наредната летна сезона на граничните премини кон Србија, кон Косово и кон Албанија ќе има една заедничка контрола.
Темата за побрз транзит на граничните премини ја отвориле денеска со српскиот колега Ивица Дачиќ на средбата во Куманово. Тој посочи дека застојот на граничните премини, особено за време на одморите, станува сериозен проблем.
Македонија и Србија се на рутатата на миграните, а илегалната миграција е еден од заедничките предизвици. Двајцата министри истакнаа дека најголем број на мигранти влегуваат од земји членки на ЕУ. Во Србија се најбројни од Бугарија, а во Македонија од Грција. Унијата помага, но потребна е дополнителна поддршка и во техничка опрема, рекоа Тошковски и Дачиќ.
„Слободно можам да кажам огромна благодарност до ФРОНТЕКС кои што се поставени на јужната граница и помагаат значително во рамки на сето она кое што значи работа на гранична полиција. Но, поддршката секогаш е добредојдена, особено во делот на имплементација од аспект на технички решенија кои што ни се потребни и тоа како. Ја добиваме, но секогаш би било подобро кога би имале што повеќе технички средства“, изјави македонскиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Ние имаме специфична ситуација. Нас ни доаѓаат мигранти од Европската Унија која мора да ни помогне да го решиме тоа прашање. Тоа прашање некогаш е организационо и логистички и финансиски“, порача првиот човек на српското МВР, Ивица Дачиќ.
Двајцата министри ја посочија оперативната соработката во борбата со организирнаиот криминал, шверц на дрога, трговија со луѓе и размена на информации во борбата со тероризмот.
Елена Ивановска Мукоска











