Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Дали здравјето има цена?!

/

пред 446 дена

Сподели преку :

Луѓето со повиски примања имаат подобар пристап и подобро искуство во добивање здравствените услуги, додека тие со пониски се поизложени на корупција и со полоши здравствени исходи, најмногу поради нивната зависност од јавното здравство. Ова го покажала анализата за корупција во здравството на Институтот за демократија, спроведена со осум фокус групи во сите осум плански региони со учество на 81 лице, во периодот од 20 август до 20 септември 2024 година, а во која се наведува дека економската состојба директно го одредува пристапот до лекување. Притоа анализата покажува и дека неформалните плаќања, подароци и врски се претвораат во неизбежна влезница за навремена и квалитетна здравствена грижа.

„Неможноста да се платат неформални плаќања дополнително ја влошува нееднаквоста, оставајќи ги најранливите категории граѓани во понеповолна положба“, се наведува во анализата на Институт за демократија.

Споредбата на јавното наспроти приватното здравство покажала дека јавното здравство е во сенка на приватниот сектор, пред се поради тоа што пациентите се соочуваат со недостаток на термини, дискриминација и злоупотреба на довербата. Анкетираните изразиле недоверба во јавното здравство пред се порадг недостиг на кадар, ресурси и присуство на корупција, притоа создавајќи сомнеж дека тоа може да испорача квалитетна здравствена услуга.

Дури 40 проценти од учесниците во фокус групите изјавиле дека дале поткуп или подарок за да добијат здравствена услуга. Износите варирале од 200 денари до 2.000 евра.

„Корупцијата во јавното здравство е распространета, а учесниците ги идентификуваа поткупот, подароците и користењето врски како вообичаени практики. Неформалните плаќања, кои честопати претставуваат значителен финансиски товар, најмногу ги погодуваат домаќинствата со пониски приходи“, се наведува во анализата.

Иако учесниците во фокус групите генерално корупцијата ја сметаат за неоправдана, тие покажале разбирање за нејзината употреба во животозагрозувачки ситуации, додека неказнивоста и недовербата во институциите ја гушат мотивацијата за пријавување на корупција.

Но во јавното здравство не е се  и толку црно, па анализата покажала и позитивни искуства особено со матичните лекари, почитувањето на закажаните термини, но и примери на здравствени работници со интегритет, кои одбиле да учествуваат во коруптивни практики, а овозможиле квалитетна и навремена услуга.

Приватното здравство од анкетираните во фокус групите се перцепира како подобра алтернатива поради модерната опрема, побрзите услуги и професионалниот персонал.

Инаку анализата покажала и податок дека лицата од домаќинството со месечни приходи до 30.000 денари, имаат почест контакт со јавното здравство, односно 54 проценит од нив во текот на една година користеле здравствени услуги повеќе од шест пати, а дури 17 проценти повеќе од 16 пати.

Тамара Грнчаровска