Утре во претпладневните часови во базата во Автокоманда делегација на Европската Унија ќе му предаде шест нови еколошки автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
- „Европската Унија ги испорача шесте нови автобуси за потребите на Град Скопје во рамките на програмата „ЕУ за чист воздух“ финансирана од ЕУ, која е управувана од УНОПС, а ги опфаќа и Битола, Куманово и Тетово. Автобусите работат на компримиран природен гас и го исполнуваат стандардот ЕУРО 6; намалените емисии на CO2 ќе придонесат за подобар квалитет на воздухот во главниот град“ изјавија од Европската Унија.
Оваа донација ги скара Владата и градот, во обид за тоа кој прв да каже дека доаѓаат 6 нови автобуси. Министерот за животна средина најавува дека ќе пристигнат уште утре.
Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира советничката од град Скопје Ирена Витина.
- „Министерството ниту аплицирало за проект ниту го добило, немој да го присвојуваш трудот на вработените на град Скопје. За автобусите кои упорно ги презентираш како свој единствен проект, очигледно не те информирале дека постои апликација која Градот Скопје и вработените ја изготвиле и успешно ја имплементирале. За среќа ова се Европски процеси на кои ти не можеш да влијаеш“ изјави Ирена Витина советничка во Град Скопје.
Од делегацијата на ЕУ информираат дека на свеченото примопредавање ќе учествуваат и градоначалничката Данела Арсовска и министерот за животна средина Изет Меџити.
Според информации од Царина на 11-ти и 12-ти овој месец се пристигнати и веднаш оцаринети шест автобуси ,но досега се уште никој не ги подигнал.
Премиерот Христијан Мицкоски ветува дека до крајот на грејната сезона ќе бидат набавени 100 до 120 нови автобуси. Во јавниот градски превоз од денеска се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Очекуваат советниците да изгласаат зголемување на цената по изминат километар, а градската седница во среда ќе одлучи дали ќе продолжат да возат или целосно ќе запрат со работа. Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше во четвртокот откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази.
Симона Петровска











