Ден по големиот пожар, на депонијата Вардариште сè уште се чувствува мирис на изгорено. Големи површини се зафатени со пепел и црнило, а наоколу останаа облека, гуми, мебел и друг отпад кој огнот не успеа да го уништи. Утринава екипата на Телма на терен затекна едно противпожарно возило со неколку пожарникари кои ја следеа состојбата за да спречат повторно разгорување. На депонијата Вардариште и ден по големиот пожар сè уште има чад.
Последиците најмногу ги чувствуваат жителите кои живеат во близина. Велат дека секојдневно се соочуваат со чад и непријатна миризба, а по пожарите никогаш нема чист воздух.
„Јас тука сум роден и живеам овде веќе 65 години. Срамота е ова. Се угушивме. Ова отпадот треба да биде надвор од град. Не личи на вакво место да има депонија. Тоа треба да биде во провинција каде што нема да им пречи на луѓето“, порача жител.
„Секојдневно тука има чад и непријатна миризба. Бидејќи се палат ѓубришта никогаш овде не е чист воздухот“, заклучи друг жител.
Граѓаните не веруваат дека сегашните власти имаат капацитет да го решат овој долгогодишен проблем.
„Од овие надлежни не очекуваме. Ако дојдат некои други можеби. Овие што се сега надлежни на времето доаѓаа овде и само ветуваа, но ништо од тоа не исполнија“, смета граѓанин.
Големиот пожар што вчера избувна предизвика и сериозни последици за градот. Дел од општина Аеродром, населбата Ново Лисиче и Центар останаа неколку часа без струја поради прекин на електричната мрежа. На терен интервенираа 13 пожарникари со 5 возила.
Овој пожар не е изолиран случај –Вардариште, гореше и во јуни, и во јули, како и минатата година. Проблемот со дивата депонија се провлекува со децении.
Тамара Марковска











