Хаосот со јавниот превоз продолжува. Автобусите на ЈСП денеска останаа паркирани во своите бази, бидејќи немаат нафта да возат. Низ скопските булевари сообраќаат околу 50 автобуси кои возат на гас. Телма од рано утринава е на терен и проверува каква е состојбата на автобуските постојки. На најфреквентните места можеа да се забележат линиите 16, 24 и 5. Патниците револтирани се пожалија дека немаат како да стигнат до потребната локација. Вината за овој проблем ја гледаат кај градоначалничката Арсовска.
Претседателот на синдикатот на ЈСП, Стојановски вели дека граѓаните не треба да ја бараат вината во вработените на ЈСП. Тој смета дека проблемот е настанат поради превирањето во советот на Град Скопје меѓу советничката група на владеачката партија и градоначалничката.
Приватните превозници велат дека тие имаат околу 200 автобуси кои не се максимално искористени и со нив може да го пополнат недостигот на ЈСП. Приватните превозници веќе некое време возат само по 17 часот. бидејќи сè уште не им е исплатен долгот од над два милиони евра. За денеска тие најавија дека ќе имаат состанок и ќе одлучат дали дополнително ќе го редуцираат превозот.
За проблемот со ЈСП за утре се најавени протести пред Град Скопје и во Општина Шуто Оризари.
Тамара Марковска











