Состојбата со пожарите во Македонија полека се стабилизира и нема опасност по населени места, покажува последниот пресек на состојбата на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Според официјалните информации гори на 10 места низ државата, два пожари се локализирани а два се изгасени. Активни се четири пожари, во Николиќ кај Дојран каде гори нискостеблеста шума, под Солунска глава но според ЦУК таму има само чад во карпест дел, а кај месноста Преовце во Куманово и кај селото Ругинце во Старо Нагоричане гори ниска вегетација.
Од ДЗС информираат дека пожарите кај Николиќ и кај Самоков се критични и претставуваат опасност и затоа на нив се дејствува од земја и од воздух.
- Во моментов пожарникарите и екипите на ДЗС на терен држат под контрола шест пожари од кои дури пет се на територијата на Општина Македонски брод кај селата Рамне, Слатина, Црешнево и Локвица а гори, ниска вегетација, мешана шума и деградирана шума. Пожарот над Блаце кој се гаси веќе четири дена исто така е под контрола а сега е во потег на местото викано Рамна шума- Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Екипите на терен локализираа два пожари, во прилепско и светиниколско а целосно се изгасените пожрите кај црквата Свети Тројца во Чучер Сандево и кај селото Белица.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ги презентираа мапите од македонскиот информативен систем за шумски пожари на кои се детектирани критичните точки со можност за избивање на пожар.

Во моментов детектирани се две критични точки кај селото Николиќ а кога станува збор за индекс на опасност од пожар кој се пресметува врз основа на податоци од автоматските метеоролошки станици со параметрите како температура на воздухот, релативна влажност, брзина и правец на ветерот, многу висок ризик од пожари има во централниот дел на државата и околината на градот Куманово а висок ризик од пожари – во останатиот дел од територијата на Македонија освен на Шар Планина каде ризикот е низок.

Исто така ако се гледа вегетацијата, според податоците на сателити на НАСА, може да се забележи дека висока сувост на вегетацијата има во повисоките планински предели а со тоа и потенцијал за појава на пожари.
Надлежните тврдат дека дел од пожарите се намерно предизвикани односно подметнати, презентираа слики од запалени дрвени палети фрлени во шума и изгорена гума која била причината за пожарот кај Смилковското езеро, но засега за овие случаи нема осомничени или приведени лица.
Според полицијата приведени се две лица кои палеле како и еден 74 годишен жител на Мала Речица кој палел смет на својата нива а пред неколку дена и скопјанец кој беше затекнат како пали сува трева во населбата Ѓорче Петров.
Огнен Чанчаревиќ











