Десет тона опасен хемиски отпад меѓу кои тешки метали, пестициди и растворувачи, повеќе од една деценија стоеле во просториите на Институтот за јавно здравје. Станува збор за отпад од лабораториите на Клинички, односно од материјалите кои се користеле за испитувања и хемиски анализи.
„Опасниот отпад содржи штетни и токсични хемикалии како растворувачи, киселини, бази, тешки метали, пестициди и други опасни материи. Тие може да предизвикаат сериозни последици по здравјето на луѓето како труење, иритации на кожа, проблеми со дишење, оштетување на органи, дури и долгорочни заболувања“,вели Марија Андоновска, Институт за јавно здравје.
Андоновска не кажа кога е откриен отпадот, но вели веднаш откако бил откриен контактирале со Министерството за здравство и за животна средина. Отпадот е отстранет според соодветни протоколи. Компанијата која чистела вели дека е спречена опасна хаварија.
„Присуството на растворувачи е најголемо во смесата. Поради тоа опасноста од запалување и самозапалување е најголеми. Само неколку проценти од отпадот се лабораториски хемикалии. Опкружувањето овде е многу сложено. Има дури и домови и здравствени институции затоа отстранувањето на овој отпад е клучно за здравјето на сите“, вели Трајче Србиновски, инженер за опасен отпад во екоцентар 97.
По овој случај и неколку други институции побарале да се направи увид и да се изврши чистење на хемикалиите. Дали ќе има одговорност за отпадот кој со години бил чуван во здравствена просторија ќе одлучува Инспекторатот за животна средина.
Тамара Марковска











