Дигитализацијата влезе и во државниот универзитет св.Кирил и Методиј, но наместо бесплатно студирање, сега студентите и за онлајн услуги, ќе мора да платат дополнително по повеќе од две илјади денари. Новитетите во новата академска година, ги вознемирија студентите, поради како што велат, новите наметнати давачки. Наместо да се преиспитаат досегашните средства кои веќе ги даваат и младите да се мотивираат за високо образование – надлежните им задале уште еден удар, по и така катастрофалниот студентски стандард, велат студентите.
„Факултетот не ти дава ниту Микрософт да користиш,за жал на УКИМ немаш пристап ниту до истражувачки дата бази што се корисни за време на студиите, исто така немаш ниту он-лајн библиотека што може да ја користиш додека истражуваш некоја тема, така што буквално плаќаш за нешто што никогаш нема да го добиеш“, вели Бленди Ходаи од форум за образовни промени.
Според Ходаи ваквата одлука на надлежните е со цел да се укинат хартиените обрасци и постапката за заверување и запишување семестар да се одвива по електронски пат.
„Еден план што сакаат да го имплементираат за две години така што тие се надеваат дека со укинување на овие хартиени обрасци за завршување на административните работи тоа може да се направи само додека студентите ќе платат дополнително за нешто со цел да се намали трошокот на Универзитетот на создавање на такви платформи што полесно студентите ќе треба да го запишат семестарот“, вели Бленди Ходаи од форум за образовни промени.
Побаравме став од ректорката на универзитетот за проблемите за кои алармираат студентите, но до објавување на овој прилог не добивме одговор.
И студентскиот отпор реагираше на ваквата одлука на УКИМ и ја повикаа јавноста масовно да се потпише на отворената петиција, а упатија и апел до надлежните веднаш да ги укине неразумните трошоци.
Симона Петровска











