Антикорупционерите ќе ги кажат во Влада директорите на институциите кои не ги пријавиле службените возила до истекот на рокот. Друго ништо не им можат.
Според Изборниот законик, 10 дена по распишување на изборите, сите институции на државно и на локално ниво, како и јавни и државни претпријатија, треба да ги пријават службените возила, со модел и регистрација во Државната комисија за спречување на корупцијата. Тоа се прави за службените коли да не се злоупотребуваат од страна на функционерите и други лица за потребите на изборните кампањи.
Антикорупциската комисија соопшти дека до истекот на рокот, на 18 август, само 395 од над 1500 институции доставиле податоци за возилата со кои располагаат. Беа пријавени околу 1900 возила од околу 6500 колку што имаат сите државни институции.
Изборниот законик предвидува ДКСК да покрене прекршочна постапка против институциите кои не ги пријавиле колите, но законот не предвидува казни за нив.
„Поради правна празнина во Изборниот законик, каде што не се предвидени прекршочни санкции, ДКСК нема можност да покрене прекршочни постапки по овој основ. Исто така, за сите институции кои не доставиле податоци, ДКСК ќе достави Известување/Укажување до органите кои ги именуваат и избираат раководните лица и тоа до Собранието на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, министерствата, за нивно понатамошно постапување согласно нивните надлежности“, ни одговорија во Државната комисија за спречување на корупцијата.
Тие најавија дека поради тоа што голем број на институции не доставија податоци за возилата со кои располагаат до законски утврдениот рок, ДКСК јавно ќе ги објави институциите како и податоците за возилата со кои располагаат.
Во Владата прашавме што ќе преземат против раководителите кои не ги пријавиле возилата, но само кусо ни одговорија дека очекуваат да ги пријават.
„Како Влада очекуваме сите да ги почитуваат роковите и да постапуваат согласно укажувањата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)“, велат во Владата.
Откако повеќе медиуми вчера објавија дека до истекот на рокот се пријавени само 1900 возила, проверката на Регистарот што го води ДКСК денеска покажува дека бројот се удвоил за само еден ден, па веќе има пријавено скоро 3500 службени коли.
До вчера, само пет од 20 министерства ги имаа пријавено службените коли, а денеска ги пријавиле и Министерствата за здравство, финансии и животна средина, како и од Кабинетот на Претседателката. Податоци по истекот на рокот доставиле дури и судови и обвинителства, кои треба да се грижат за почитување на законите.
Владата во меѓувреме донесе одлука сите државни службени возила од 15 септември да добијат црвени регистарски таблички за да се разликуваат од другите коли.
Срѓан Стојанчов











