Ги има околу 1.100, речиси во секоја установа. Ангажираните здравствени работници со договор на дело се пожалија до редакцијата на Телма дека на дел од нив на кој им престанал договорот, останале дома. Од министерство за здравство смируваат, договорците во јануари и февруари ќе добијат решенија со кои ќе им се продолжат договорите до 31 март.
„Сите договори на дело се продолжени до 31 март. Тоа значи дека после месец март може да се вработат, најрано средината на март почетокот на април“, соопштија од министерството за здравство.
„Овие вработени се дефицитарни и потребни, а ние како синдикат ги нарекуваме работници робови на 21 век кои работат со една плата како социјален додаток, без пензиско и здравствено осигурување, а додека беше ковид-кризата беа први во борбената линија“, вели претседателот на независниот синдикат на здравство, кој порача дека овие работници не смеат да бидат заборавени.
Медицински сестри, хигиеничарки… Здравствените установи кубурат со кадар. Дел од нив си заминале во приватното здравство, а дел по пат на пензионирање.
Сомнежот за доцнењето за продолжување на договорите, дел од здравствените работници го лоцираат во Финансии. Велат, министерството знае да ја кочи работата, да доцни, а некогаш и селективно да вработува. Телма побара став од финансии, но до објавување на овој прилог не добивме одговор.
Да добијат вработување очекуваат и приватните специјализанти. Во јули минатата година Владата им најави дека половина од нив ќе бидат вработени до крајот на 2024 година, а останатите оваа година, но досега ниту еден од нив не стапил во работен однос. Од здравство велат дека процедурата е во завршна фаза и очекуваат час поскоро оваа административна постапка да биде завршена.
Симона Петровска











