Доктор од ЈЗУ Општа болница во Струга се сомничи дека со години земал плата без да работи и без да поседува важечка лиценца за работа. Против него е поднесена кривична пријава, а штетата за буџетот на здравствената установа се проценува на речиси два милиона денари.
Како што информираа од СВР Охрид, 42-годишниот лекар од Струга од јули 2019 година до ноември 2024 година не се појавувал на своето работно место и не го пријавил прекинот на специјалистичкиот стаж.
Покрај тоа, од јули 2020 година работел без важечка лиценца издадена од Лекарската комора, што е спротивно на законските прописи. Во тој период, и покрај нерегуларностите, лекарот примал плата и додатоци, со што, според полицијата се стекнал со противправна имотна корист. Случајот е пријавен како кривично дело „несовесно работење во службата“, а истрагата е во тек.











