Охридскиот рамковен договор, 24 години по неговото потпишување според политичките чинители во земјава, е документ кој ја зачувал унитарноста на државата и донел мир и еднаквост. Премиерот Христијан Мицкоски на свечената седница по повод 24-годишнина од Рамковниот договор ја спореди 2001 година, кога беше потпишан Рамковниот договор, со актуелните состојби, велејќи дека земјата како и тогаш и сега е пред избори, реферирајќи на национализмот и тие кои го злоупотребуваат за лични цели.
„Нема простор и нема место повеќе за поединци и структури кои манипулираа и правеа вештачки кризи, етнички и политички за да подоцна себе си се наметнуваат како решенија. Вистината токму говори, дека најголемиот белег во однос на Рамковниот договор е што оваа влада преку носењето на законот за правична застапеност ја исполни и последната обврска и нема повеќе отворени прашања во овој поглед“, рече Мицкоски.
Првиот вицепремиер во владата, Изет Меџити на свеченоста, пак, во контекст на Охридскиот договор, рече дека владата работи на правен состем кој гарантира релана, а не форма еднаквост во државата. Притоа тој се осврна на правичната застапеност, најавувајќи дека наскоро ќе биде донесен нов закон за правична застапеност.
„Владата го зајакнува користењето на јазиците согласно принципите на Охридскиот договор и Уставот на државата на сите нивоа на администрацијката и јавниот живот како симбол на еднаквоста и меѓуетничка почит. Еднсотавно кажано, употребата на албанскиот јазик во јавните институции не е укинат, туку вложуваме напори да ја зајакнеме во услови кога актуелниот закон е оспорен пред Уставниот суд“, рече Меџити.
Меџити притоа упати порака до Уставниот суд, укажувајќи му дека дека тој треба да биде заштитник на темелните политички договори, да ги почитува и да ги толкува со цел зачувана етничката рамнотежа во државата, а не само да прави црно-бело читање на членовите на Уставот.
За годишнината од Охридскиот договор се огласи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со порака дека ревизија на договорот не смее да има. Според него, сите достигнувања кои ја претставуваат самата држава, во изминатите 24 години Албанците ги направиле заедно и со ВМРО- ДПМНЕ и со СДСМ, но и со меѓународни пријатели.
„Затоа, ревизија на заедничките достигнувања не ни е дозволена нам кои сме автори, потписници и спроведувачи на Охридскиот договор. Мора да предводиме со државничка одговорност, како државотворни партии, без краткорочни и опасни популистички и изборни калкулации“, рече Ахмети.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година по неколкумесечниот вооружен конфликт во земјата меѓу ОНА предводена од Али Ахмети и македонските вооружени сили, со кој се ревидираа правата на помалите етнички заедници во земјата, по што следуваше измена на Уставот.
Тамара Грнчароска











