Договорот на ЈСП со Пуцко Петрол истекол пред шест дена, велат за Телма од компанијата, а имал важност 380 дена.
Оттука Пицко Петрол нема повеќе обврски да го снабдува ЈСП со нафта. Долгот кон нив изнесува близу 10 милиони евра.
Повеќе автобуси на ЈСП се повлечени во базите на компанијата поради недостиг на нафта за превоз, тврдат припадници на синдикатот на возачите. Директорот на ЈСП, Драги Кушовски за Телма изјави „немам коментар тоа е реалноста“.
На автобуските станици е забележлив метеж и гужва, а патниците кои имаат среќа едвај успеваат да влезат внатре. Голем дел од граѓаните не ни успеваат да се качат во автобусите.
Од попладнево, јавниот превоз во Скопје ќе биде прекинат поради недостаток на нафта, соопштуваат вработени во ЈСП „Скопје“. Проблемот произлегува од неплатени долгови кон добавувачот „Пуцко петрол“, кој престанал со испорака на гориво.
Во сообраќај ќе останат само автобусите што користат гас – вкупно 25 возила. Автобусите веќе почнале да се исклучуваат од линиите бидејќи и базите во Автокоманда и Ѓорче Петров немаат резерви на гориво.
„Во понеделникот имаше мала испорака на нафта, но долгот не е платен и повеќе не се носи гориво,“ велат од претпријатието. Од Град Скопје засега нема никакво официјално известување.











