Маж застрела тројца колеги во средното училиште во кое што и самиот бил вработен, по што се обидел да се самоубие, соопшти полицијата во Босна и Херцеговина. Тој бил пренесен со тешки телесни повреди во ургентниот центар во Бања Лука, додаваат од полицијата.
Убиецот, кој бил вработен како домар во училиштето, ги застрелал директорот, секретарката и наставничка по англиски јазик. Според локалните медиуми, тој имал несогласувања со раководството на училиштето и се жалел дека бил дискриминиран.
Во моментот кога го извршил убиството против него се водела дисциплинска постапка, па медиумите шпекулираат дека тој упаднал на состанокот на дисциплинската комисија и ги застрелал нејзините членови.











