Ги гледаме речиси секојдневно на семафори, плоштади и булевари. Ги има околу 18.700 луѓе во Македонија кои питачат, а 2.000 од нив се деца. Ги организира мафија која од нив заработува милионски суми, некои од нив се и претепувани, а девојчињата злоупотребувани за сексуaлни услуги, тврди Илија Јовановиќ од невладината „Градиме иднина“ од Скопје. На денешната средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири побарал овие деца да бидат исклучени од улиците и вратени во школските клупи.
Министерката за труд Јована Тренчевска не е запозната со овие тврдења на Јовановиќ дека децата се злоупотребуваат за пари. Тврди дека интервентни тимови се на терен и ја намалиле бројката на деца кои питачат.
Јовановиќ смета дека децата треба да бидат под постојан надзор од надлежните и побара од граѓаните да не им даваат пари на питачите за да се откажат од питачењето. Телма објави сторија во кое деветгодишно дете сместено во згрижувачки дом во Скопје питачи, а надлежните не открија дали добило нов старател и како ќе спречат да не се врати на улиците.
Симона Петровска











