Државната потрошувачка кошничка нема да стартува од 1 јануари, исто како и законот за сезонски работници, минималната плата во 2026 останува според постоечкото законско решение, а во наредните 12 месеци преку оперативниот план ќе бидат отворени уште неколку илјади нови работни места.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, на денешниот брифинг со медиумите, соопшти дека засега нема да има мерки за контрола или ограничување на цените, но и дека поскапувањето на струјата може да предизвика домино ефект.
Економија чека на мислењата на КСС, ССМ и Организацијата на работодавачи околу методологијата на државната потрошувачка кошничка и доколку не ги добие до следната седница на ЕСС ќе почне да ја применува без нивниот став.
Кога станува збор за минималната плата, Дурмиши останува на ставот дека треба да се почитува постојното законско решение, бидејќи секое ад-хок решение може да има негативни ефекти кај приватниот сектор и индустријата.
Околу планот за раст, министерот Дурмиши најави дека очекува до јуни на идната година да ги исполни заостанатите обврски како парафискалните давачки, реформа на системот за издавање на лиценци и дозволи и национална стратегија за мали и средни претпријатија поради кои годинава министерството загуби околу 8,5 милиони евра од европските пари.
УЈП и Агенцијата за вработување мора да имплементираат дополнителен софтвер со кој ќе се регулира сезонското вработување на пензионерите, примателите на социјална помош и студентите па затоа, иако законот е на сила, министерот Дурмиши смета дека примената ќе почне најдоцна до март.
Огнен Чанчаревиќ











