30 дневен притвор добија две лица, на возраст од 22 и 24 години, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „тешки дела против општата сигурност, при што со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето“.
Станува збор за автомобилот на сопругата на поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов кој беше запален утрото на 9 март каде што освен возилото со марка Ауди, во пожарот беа опфатени и патнички моторни возила „пасат“, „матиз“ и „нисан“.
– Двајцата осомничени соизвршители, на 9 март, со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето. Првиот осомничен повикал такси возило во Ѓорче Петров и влегол на совозачкото седиште, носејќи со себе пластична туба со жолта течност. На таксистот му кажал да вози до улицата „Козле“, каде во возилото се качил вториот осомничен. По пат двајцата се договарале за начинот на кој ќе го извршат кривичното дело. Од такси возилото се симнале на булеварот „Партизански одреди“ и продолжиле да се движат пеш, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Од обвинителството дополнуваат дека кога пристигнале на улицата „Мексичка“, двајцата осомничени со течноста полеале паркиран автомобил Ауди Q5 и го запалиле. Пламенот се проширил, па освен автомобилот Ауди, целосно изгорел и автомобил Фолксваген пасат, додека делумно биле зафатени и оштетени уште два други автомобили и еден објект. Со тоа осомничените предизвикале поголема имотна штета.
Мартин Николовски











