Двајца ресенчани за два и пол месеци украле вкупно 58 акумулатори со различна јачина од железничката пруга на потегот од поранешната фабрика „Фринко“ во Битола до селото Кременица, кои потоа ги продавале како старо железо. Кражбите се случувале од февруари до крајот на април годинава. Осомничените насилно влегувале во објекти од цврста градба на делницата, кои служеле за команда на светлосната и звучната сигнализација на железничкиот сообраќај.
„Кршејќи ги решетките од долниот дел на вратите со кои биле обезбедени вкупно 8 објекти сопственост на оштетеното Јавно претпријатие МЖ Инфраструктура , осомничените демонтирале и одзеле вкупно 58 акумулатори со различна јачина, со што ја загрозиле сигурноста на железничкиот сообраќај. Потоа, двајцата осомничени ги продавале украдените акумулатори како отпадно железо“, соопштија од ЈОРМ ТЕЛОП
Битолското обвинителство издаде наредба за спроведување истражна постапка против двајцата за продолжено кривично дело „Тешка кражба“ и побара притвор од судијата на претходна постапка.
Обновата на оваа железничката делница од Битола до Кременица, долга само 17 километри, траеше 5 години, заврши во 2019 и требаше да го поврзе Пелагонискиот регион со Грција. Во проектот се вложени 17 милиони евра, дел од европски фондови, дел од државниот буџет. Но, наместо меѓународно поврзување, делницата сега е цел на кражби и уништување на инфраструктурата.
Емилија Мисирлиевски











