Зголемен број на респираторни инфекции кои не ги одминуваат ниту младите ниту возрасните. Кај најмладите и повозрасните се забележува поизразена клиничка слика, но и кај средната популација висока фебрилност, болки во коските и мускулите, течење на носот и кашлица со благо гребење на грлото.
Дефинитивно дека празниците ќе придонесат за брзо циркулирање на самиот вирус. Во текот на јануари и февруари кога веќе се очекува и пикот на самиот грип, амбулантите ќе бидат преполни во смена ќе има и по 70 – 80 пациенти, а во две смени во текот на денот и до 140 пациенти од кои 80-90% ќе бидат со респираторна патологија, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на ЗЛОМ -СМ.
Секој човек треба во почетокот сам на себе да си помогне со таа симптоматска терапија, вели Ѓорѓиевски. Грипот и другите вирусни заболувања не се третираат со антибиотици, туку исклучиво со симптоматска терапија.
Ако има течење на носот се ставаат капки во носот, ако има гребење на грлото барем два-три дена треба да почекаат да земат пастили, да пијат топли напитоци за да може таа грипозна состојба да помине, да пијат бруфени, парацетамоли за високата температура и одмор и мирување. Значи не можете вие во грипозна состојба да одите на работа и не може во грипозна состојба со главоболки, со болки во коските, во мускули со општа малаксаност да одите по забави. Самата состојба бара одмор, доколку не мирувате настануваат компликации како што се долнореспираторни инфекции, тоа се бронхити и пневмонии. Кога ќе видат дека температурата трае подолго од три дена и кашлица која е изразена, која може да биде сува, продуктивна со поотежнато дишење дека самата состојба не се подобрува, тогаш треба да посетат лекар, но не во првите 24 – 48 часа. Тогаш имаме само почетна симптоматологија, вели д-р. Ѓорѓиевски.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 23 до 29 декември 2024 само за една недела во земјава се пријавени 221 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 59 % повеќе во споредба со претходната недела.
Нина Стефанова











