Пет милиони евра исплатени за лекување во странство, без соодветна контрола и следење, 4,8 милиони евра аванси не се потврдени и навремено затворени, до крајот на 2024 година речиси 35 милиони евра неплатен придонес од Министерството за здравство за задолжително здравствено осигурување за граѓаните кои не се здравствено осигурени по ниеден основ, констатира Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за 2023 година.
Во ревизорските наоди, собрани на дури 62 страници, стои и дека по основ на тужби против оваа институција – дома и во странство – долгот изнесува над 5,5 милиони евра. Сѐ уште нема вистински систем за купување здравствени услуги, а референтните цени не се ажурирани.
Проблемите не застануваат тука. Ревизорите откриваат и дека недостатокот на интегриран систем, слаби контроли и сериозен сајбер напад – директно го загрозиле трошењето на јавните пари и ефикасноста на здравствениот систем.
Немањето систем кој ќе ги поврзе упатите, лекарските извештаи и фактурите и слабите контроли во здравствените установи од страна на Фондот отвориле простор за грешки, злоупотреби и неправилно фактурирање.
Со години наназад, системот не располага со функционална ИТ стратегија, нема доволно ИТ кадар, а серверската инфраструктура е застарена.
Лошото ИТ управување кулминираше во февруари 2023 година кога рансомвер напад целосно го парализираше системот. Наместо електронски рецепти и упати, лекарите и аптеките повторно се вратија на хартија. Исплатата на плати и боледувања беше во прекин. Над 1,8 милиони осигуреници беа директно погодени.
Слабостите во Фондот се наталожени, а последиците ги чувствуваат сите – и пациентите, и здравствените работници.
Додека институциите ветуваат дигитална трансформација, пациентите и здравствените работници секојдневно ја плаќаат цената. Довербата во системот е разнишана, а за нејзино враќање – ќе бидат потребни многу повеќе од ветувања.
Александар Петрески











