Во Македонија секој пети граѓанин и секое трето дете живее во сиромаштија, покажува извештајот на државниот завод за статистика за 2024 година. Според Лаекенските индикатори за сиромаштија што ги објави статистика, во 2024 година стапката изнесува 21,9 проценти.
Анализата на податоците покажува дека за жал најизразена е кај децата и младите до 17 години, каде што ризикот од сиромаштија е 29,5 проценти односно речиси секое трето дете.
- „Стапката на сиромаштија се пресметува како 60 проценти од медијалниот приход по семејство. Медијалниот е оној кој ќе ги наредите од најнизок до највисок приход оној што е точно на средина па 60 проценти од него е линија на сиромаштијата. Тие што имаат приходи помали од таа се буквално сиромаштија и се статистички податок“ – Ванчо Узунов, универзитетски професор.
Кога станува збор за домаќинствата, ризикот од сиромаштија варира во зависност од структурата односно од бројот на членови. Па така најмногу погодени од сиромаштија се домаќинствата каде што семејството брои пет члена и повеќе односно двајца родители и три или повеќе деца и тука статистика измери дека повеќе од половина од овие домаќинства живеат во сиромаштија односно 54,8 проценти.
Ризична категорија се и домаќинства со еден самохран родител и деца каде што стапката на сиромаштија достигнува 45,8 проценти.
Кај четиричленото домаќинство, кое се зема како основа за пресметка на потрошувачките кошнички на ССМ и на Владата, стапката на сиромаштија изнесува 17,1 процент односно секое шесто домаќинство.
Ако се споредат вработените и пензионерите може да се види дека разликата е околу пет проценти. Кај вработените стапката на сиромаштија е 7,9 проценти со присуство на феноменот на т.н. „сиромашни вработени“, односно лица кои иако работат имаат приходи под прагот на сиромаштијата додека кај пензионерите стапката на сиромаштија е повисока и изнесува 12 проценти.
- „До таа бројка на да речеме не прифатлива меѓутоа како така поднослива сиромаштија околу 21,2 проценти се стигнува откако ќе се исплатата пензиите и социјалните надоместоци. Пред да се исплатат пензиите и социјалните надоместоци, стапката на сиромаштија е преку четириесет, четириесет и пет проценти“ – Ванчо Узунов, универзитетски професор.
Коефициентот на Џини кој претставува мерка за нееднаквоста во распределбата на доходите изнесува 29,1 отсто и колку е повисок процентот толку е поголема нееднаквоста.
Од ССМ остануваат на барањето од 600 евра минималец кое го темелат на повисоките трошоци за живот и предупредуваат дека повторно се враќа формата на плата во плико. Се поизвесно е дека минималецот ќе се зголеми за околу 1.800 денари.
Синдикатите веќе најавија дека своите барања ќе ги бараат и преку протести и штрајкови.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.











