Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Единицата“ за правосудството во извештајот на ЕК ги спротивстави поранешната и актуелниот министер за правда

/

пред 1060 дена

Сподели преку :

Извештај за (не)напредок, единица во свидетлество и 9 нули. Ова се дел од експертските коментари на извештајот на Европската комисија за земјава. Во делот за правосудството аргументите ги судрија поранешната министерка за правда Раната Дескоска и актуелниот министер Кренар Лога.

Со наслов „Седи кец“, Дескоска на фејсбук пишува дека оценката за судството во извештајот е всушност оценка за работата на Министерството за правда и Судскиот совет, а од 2019 до сега оценките се намалуваат од добар напредок преку одреден напредок до нема напредок.

Извештајот на ЕУ за (не)напредокот Ви ја покажа вистинската, грдата “слика на Доријан Греј”. Не вртете го погледот од неа, со тоа таа нема да исчезне. Наместо тоа, наместо префрлање на одговорност и негирање на реалноста, оставете ги суетите на страна, бидете свесни дека во оваа област “битката за ситни политички поени” собрани преку јавни препукувања и надмудрувања може да биде фатална (како што и веќе се покажува дека е) и соберете ги сите интелектуални капацитети за да се најде излез од оваа ситуација, напиша  Дескоска.

Лога ѝ одговори:

Во темнината пишуваат законски измени за да го уништат правосудниот систем, во светлината држат предавања за правдата – додавајки ја познатата мисла на Цицерон „Какви времиња, какви обичаи!“

На кои законски измени мисли Лога не посочува, но доколку сугерира на измените на Кривичниот законик, Дескоска тврди дека тоа е лага и дека за нив, прв пат слушнала од медиумите. Од нејзиното искуство како министерка, смета дека нема никакви шанси заменик министер да потпише било што, без овластување од министерот, мислејќи на измените на Кривичниот законик кои беа потпишани од заменичката на Лога, Аврамовска Мадиќ.

Министерот за правда, решението за проблемите со Судскиот совет ги гледа во новиот закон. Ја објави работната група што ќе го изготвува преводена од академик Владо Камбовски.

Со цел надминување на слабостите наведени во Извештајот на Европската комисија за досегашната работа на Судскиот совет, а во рамки на надлежностите на Министерството за правда за изготвување на законите во оваа област денес формирав работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за судскиот совет, со претставници од правосудството, академската заедница и невладиниот сектор, напиша Кренар Лога, министер за правда

Анализата на невладината ЕПИ изброја 9 нули  – области во кои нема напредок во Извештајот.

Извештајот отсликува назадување. Иако најчесто се вели нема напредок тоа е всушност дипломатски збор, значи назадување вели Малинка Ристеска-Јорданова, основач на ЕПИ.

Нулата за правосудството или застојот според Јорданова е поради случувањата во Судскиот совет, неусвоената стратегија за реформа на правосудството, изборот на шефот на обвинителството за организиран криминал, но и другите нотирани случувања.

Елена Ивановска Мукоска