Иако со 1,4 милијарди жители Индија е втората најнаселена земја на светот, една милијарда од нив немаат речиси никаква куповна моќ, покажува најновиот извештај на Blume Ventures.
Според нивното истражување, потрошувачката класа во Индија, односно делот од популацијата која ја одредува атрактивноста на земјата за инвестиции и старапи изнесува помеѓу 130 и 140 милиони. Дополнителни 300 милиони Индијци се појавуваат како потенцијални потрошувачи, но тоа е група која неволно ги троши своите пари.
Тоа што ги загрижува потенцијалните инвеститори се показателите дека потрошувачката класа во Индија не расте, туку се продлабочува. Тоа во суштина значи дека богатата популација во Индија не се зголемува, но се збогатува дополнително.
Овие фактори, според извештајот, на многу специфичен начин го обликуваат потрошувачкиот пазар во третата најголема економија во Азија, насочувајќи го кон т.н. премиумизација каде брендовите не се фокусираат на широка потрошувачка, туку на зголемување на своите скапи и луксузни асортимани, таргетирајќи ги токму богатите.
Ова е особено забележливо во продажбата на луксузни домови, која ја надмина продажбата на домови по пристапни цени, кои сега учествуваат со само 18 проценти во вкупниот број на купопродажби. Пред само 5 години тој процент изнесуваше 40.
Извештајот само го потврдува општо прифатеното мислење дека опоравувањето на индиската економија по пандемијата се одвивало нееднакво, односно богатите дополнително се збогатиле, додека сиромашните ја изгубиле куповната моќ.
Експертите посочуваат дека овој тренд во индиската економија започнал долго пред пандемијата. Последните три децении разликите во индиското општество стануваат се подрастични, 10-те проценти богати сега заработуваат дури 57,7 проценти од целокупниот приход во државата, додека во 1990 година тој процент изнесувал 34. Во истиот период приходите на сиромашната популација паднале од 22,2 проценти во 1990 на 15 проценти минатата година.











