Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) на денешната седница, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот на нашата Света Црква.
- Синодот ја изразува својата длабока загриженост за новонастанатата состојба во Сирија и во Либан, како и за засегнатите верни чеда на Антиохиската Патријаршија. Исто така, како сестринска Црква, искрено сострадувајќи, Го молиме Семилостивиот Бог, Кој ги успокојува обременетите (Мт. 11, 28), да ги благослови сириските и христијаните на Истокот – пастирствувани од Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток Јован Х – и да ги укрепи во верата и надежта, притоа дарувајќи им го неопходниот мир.
Синодот ја известува црковната јавност дека 40-дневниот помен на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј ќе се изврши на 3 јануари 2025 година на Плаошник во Охрид.
Во иднина, секретарот на Синодот, Неговото Преосвештенство Епископ Хераклејски г. Климент ќе ја извршува должноста портпарол на Синодот и на јавноста ќе ги изнесува официјалните ставови на САС на МПЦ-ОА. Неговата должност ќе започне на 1 јануари 2025 година, соопштуваат од канцеларијата на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА.











