Ноќ што почна како уште една воена ескалација над Украина заврши со шок надвор од бојното поле. Руски дрон, дел од масовен напад врз украинска територија, ја премина границата и се урна директно врз станбена зграда во романскиот град Галац. Две лица се повредени, а силната експлозија предизвика пожар, евакуации и паника во срцето на европска НАТО-членка.

– Во 1:54 часот наутро, радарски сигнал влезе од областа Рени и се движеше кон Романија. Од она што го добивам во реално време, тој влезе некаде на надморска височина од 600 метри и имаше траекторија надолу. Го следев околу 10 км, на територијата на Романија, по што одеднаш направи маневар на висина од 150 метри, што го оневозможи следењето од радарот. Две минути откако го изгубивме од радарот, бевме известени дека удрил во оваа зграда зад мене и предизвикал пожар, изјави Полковник Кристијан Поповичи.

Романија веднаш реагираше. Два борбени авиони F-16 беа подигнати во воздух. Активирани се и воени хеликоптери. Претседателот на земјата го свика Советот за одбрана. Пораката е јасна дека ова е најсериозниот инцидент на романска територија од почетокот на војната.

– Во ваква ситуација, Романците треба да разберат дека Русија е закана за безбедноста на земјите во областа и војната што ја води против Украина влијае на сите земји од источното крило на НАТО, а не само за нас, изјави заменик-командантот на заедничкиот штаб на романските вооружени сили, Генерал Георге Максим

Реакции стигнаа и од Брисел и од НАТО. Генералниот секретар на НАТО Марк Руте на социјалната платформа „X“ напиша дека неодговорното однесување на Русија е опасност за сите. Додава дека Москва продолжува да ги гаѓа цивилите и цивилната инфраструктура низ цела Украина, а синоќешниот инцидент повторно покажал дека импликациите од нелегалната и агресивна војна на Русија не запираат на границата..
Алијансата, порача, дека ќе го брани секој сантиметар територија.
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен оцени дека Русија со последните случувања „преминала уште една црвена линија“ и порача дека Европската Унија стои целосно зад Романија и дека ќе продолжи да ги зајакнува безбедносните капацитети долж источната граница. Најави и подготовка на нов, 21. пакет санкции како одговор на ескалацијата на конфликтот.

– Го повикав рускиот амбасадор во Франција во 9:45 часот утрово за да му кажам дека масовните напади врз цивили минатиот викенд, заканите врз француските и европските дипломати во Москва и овој последен неодговорен чин се акти на заплашување кои се и неодговорни и бесмислени, бидејќи тие на никаков начин нема да нè одвратат од нашата поддршка за украинскиот отпор, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро.
Москва засега молчи на обвинувањата, но пораката од Галац е јасна дека линијата меѓу војната и мирот во регионот станува сè потенка и сè поопасна.
Инцидентот отвора ново прашање за безбедноста на источниот крило на НАТО, во момент кога конфликтот во Украина влегува во уште поинтензивна фаза.











