Шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија не успеаја да постигнат договор за воведување на еден од најстрогите, 18-ти по ред, пакет санкции кон Русија. Како што рече високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас сега топката е во дворот на Словачка, „бевме навистина блиску да ја увериме Словачка дека Комисијата го исполни она што таа го бара“.
Калас додаде дека во услови кога руската кампања на напади достигнува рекордни нивоа и кога „гледаме зголемена употреба на хемиско оружје од страна на Русија“ во Украина, санкциите се неопходни со цел на Москва да и се ограничат средствата за водење на војната. Според неа, Русија покажува дека не сака мир и затоа Европската Унија ќе продолжи да го зголемува притисокот, со цел да ја запре нејзината агресија.
ЕУ ги поздравува најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за испраќање поголеми количества на оружја за Украина и дека е подготвена за изнаоѓање начини за споделување на товарот на трошоците.
- Ако Америка и Европа работат заедно може да извршат притисок врз Путин да почне сериозно да преговара. Тоа е единствениот начин да се стави крај на оваа војна, истакна Калас.
Министрите донеле одлука и за вклучување на пет лица на листата на санкционирани поради сериозни кршења или злоупотреби на човековите права и за репресија на граѓанското општество и демократската опозиција во Русија.
Лицата кон кои се воведени санкции се членови на рускиот судски систем вклучени во прогонот на активистот Алексеј Горинов, кој беше осуден на три години затвор врз основа на политички мотивирани обвиненија поради неговото изразување на мислење за руската агресија врз Украина. Советот вовел санкции и кон осум лица и еден субјект поради сериозни кршења и злоупотреби на човековите права во име на иранските државни органи надвор од Иран, вклучително и за произволни егзекуции и убиства и за присилни исчезнувања на лица кои се сметаат за противници или критичари на властите во Техеран. Станува збор за криминалната група Зиндашти, која е поврзана со иранското Министерство за разузнавање и безбедност, нејзиниот лидер Наџи Ибрахим Шарифи – Зиндашти и негови соработници, како и за разузнавач од Министерството и за офицер на Исламската револуционерна гарда
На сите санкционирани им се замрзнува имотот и активата во Унијата, а на граѓани и субјекти на ЕУ им се забранува да им ставаат средствата на располагање. На санкционираните физички лица дополнително им се забрана за патување, влез или транзит низ ЕУ.











