Претседателот на Републиканското мнозинство во Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, тврди дека не разговарал со претседателот Доналд Трамп за можноста САД да преземат контрола над Гренланд и оцени дека воена акција „не е соодветна“. Коментарите доаѓаат откако Белата куќа соопшти дека „американската војска секогаш е опција“ за стекнување на контрола над островот, кој е дел од Кралството Данска, а кој Трамп го смета за стратешки важен за националната безбедност и за одвраќање на противниците во Арктикот.
– Мислам дека Гренланд од многу луѓе се смета за нешто што би било стратешко позиционирање за САД. Не знам како ќе се развива од таму, порача претседателот на претставничкиот дом, Мајк Џонсон.
Демократски сенатори пак предупредуваат за ризици по НАТО алијансата а фокусот кон Гренланд велат само ја зголемува меѓународната загриженост.
– Дали некој навистина, навистина мисли дека НАТО сè уште би постоел ако Америка го наруши територијалниот интегритет на сојузник на НАТО? Тоа е целосно спротивно на целиот концепт на НАТО. Мислам дека тоа е многу опасен вид на комуникација, вели Сенаторот Марк Ворнер.
Европските сојузници, предводени од Данска, Франција, Германија и Полска, веќе работат на заеднички план за одговор. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро нагласи дека мерките ќе бидат координирани „заедно со европските партнери“.
Данската премиерка Мете Фредериксен потсети дека Гренланд „припаѓа на неговите жители“ и дека сите решенија мора да се спроведуваат во рамките на демократските правила.
– Можам да одговорам кој е данскиот став, а кој е на Европа, и кој е ставот на кралството, а тоа е дека мора да се почитуваат границите и дека кога соработувате, тоа го правите во рамките на правилата на демократијата, вели Премиерката на Данска, Мете Фредериксон.
Лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Велика Британија и Канада ја потврдија поддршката за Данска и го одобрија принципот на суверенитет. Лидерот на британската Реформска партија, Најџел Фараџ, пак смета дека не очекува директна американска воена акција за Гренланд, туку претпоставува дека ќе се постигне некаков вид на економски и безбедносен договор.
– За разлика од луѓето што ги водеа двете последни влади во оваа земја, претседателот Трамп разбира дека нафтата, гасот, бакарот, ретките минерали ќе бидат апсолутно витални за светот во текот на следните неколку децении. Затоа претпоставувам дека на крајот ќе има некаков економски договор. Не знам, но се надевам дека така ќе оди, смета Најџел Фараж лидер на британската Реформска партија.
Европските сојузници предупредуваат дека какво било насилно преземање би предизвикало сериозни потреси во НАТО и би го загрозило трансатлантското единство, кое е основа на стабилноста и безбедноста во регионот.
Александар Петрески











