Претседателот на СДСМ не сака да шпекулира со имињата кои стојат зад таканаречената опозициска платформа која се најавува како опција што е иницирана и поддржана од поранешни и актуелни функционери на СДСМ. Вели дека и самиот слуша шпекулации, но чека тие самите да излезат во јавност. Убеден е дека зад сето ова стои владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера излезе некоја изјава дека има некаква платформа од луѓе кои не сакаат ниту да се потпишат, кои кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ била најголема партија, а опозицијата била раситнета, што може да се очекува од тоа освен дека тоа е напишано во белата палата и дадено на некои луѓе да го презентираат како некаква платформа“, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Наспроти тоа, вели, секое конструктивно мислење ќе биде сослушано и земено предвид затоа што суштината е да се изгради консензус и политика врз основа на различни мислења на многу луѓе.
Шилегов деновиве и самиот најави дека незадоволна група на Социјалдемократи ќе истапи јавно и ќе бара смена на актуелното раководство, по што веднаш беше покрената иницијатива за негово расрешување. Подоцна обвини дека постапката е нестатутарна и дека треба да се покрене во неговата општинска организација, врз основа на докази, на што Филипче денеска иронично му одговори дека „не би сакал да му ги презентира доказите дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ“.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: Т.Д.











