Мислења за општествениот амбиент, со посебен акцент на политичките и безбедносните состојби, биле разменети на денешната средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
Како што информираат од Кабинетот на Сиљановска Давкова, Филипче ја информирал претседателката за актуелните партиски промени врзани за изборот и конституирањето на новите партиски органи и функционери.
Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Филипче ја нагласил потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на Планот за раст и Реформската агенда.
Претседателката го информирала Филипче за нејзиното видување на евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската Унија.
Филипче по средбата изјави дека и укажал на претседателката оти треба да реагира за, како што рече, „партизацијата која што се случува во делот на безбедносните структури“.
„Јас изразив загриженост и укажав дека сметам дека треба да реагира за некои работи кои се во нејзини ингеренции, а тоа е пред се партизацијата која што се случува во делот на безбедносните структури. И укажав на ризикот. Сметаме дека може да биде многу голем доколку настане фузија на двете безбедносни агенции, ако се продолжи со ваква партизација имајќи предвид дека сме имале едно такво лошо искуство во минатото, дека таква гломазна безбедносна партизирана институција може да се злоупотреби. Ние сме направиле реформа тие институции се тогаш поделени и професионализирани и навистиина сметаме и рeагираме дека треба да се запре партизацијата, посебно што во овој момент се случува во Агенцијата за национална безбедност и дополнително сметаме дека обединувањето на агенциите од две во една, ќе направи навистина гломазна институција која што тешко ќе може да се контролира. Тоа и го укажав на претседателката“, изјави Филипче по средбата која ја оцени како пријатна, пријателска и конструктивна со цел натамошна конструктивна соработка.











