По вчерашната одлука на Извршниот одбор на СДСМ да започне постапка за исклучување на поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов од партијата, лидерот Венко Филипче денеска го образложи потегот со, како што рече, „негово одработување за ВМРО-ДПМНЕ“. Додаде дека одлуката е донесена со консензус и оти имале докази за поврзаноста на Шилегов со владеачката партија.
„Точно е дека се слушало и се почитувало туѓото мислење. Така е и сега, а ќе биде и понатаму. Овде не станува збор за туѓо и поинакво мислење, поради тоа што и тоа мислење беше сослушано. Тука станува збор за процес на одработување за ВМРО-ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата. После сите проверки на информации, стигнавме до тој заклучок. Извршниот одбор таа одлука ја донесе со консензус, никој не гласаше против. Јас нема да дозволам луѓе да ја делат СДСМ понатаму затоа што имаме работа со криминална и корумпирана власт којашто ништо не може да направи за да го спречи падот на анкетите којшто е евидентен. Ваков пад на ВМРО-ДПМНЕ досега немало, а ние имаме раст. Единствено нешто што можат да прават е да ја делат партијата одвнатре. Поделбите не водат никаде. Кога ти ќе тргнеш да го делиш твојот дом, тебе ќе ти се удри од глава тоа. Јас тоа не го дозволувам“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
На обвинувањата од СДСМ, одговори Шилегов. Според него, постапката за негово исклучување е спротивна на статутот и дека такво нешто може да иницира единствено општинската партиска организација во Карпош. Тој најави дека ќе продолжи да дејствува, како што порача, „за доброто на партијата“ заедно со негови истомисленици.
„Ако го прочитаме статутот, таму во извршниот, за жал, таму нема кој да го прочита статутот. Ќе им биде јасно дека исклучување на член на Социјалдемократкиот сојуз го извршува општинската организација каде што припаѓа во која што Филипче првпат влезе која е избран за претседател. Па еве ќе ја искористам приликата, ако веќе сака да спроведе таква иницијатива, да дојде во општинската Карпош, таму ќе разговараме со членството, таму нè има сериозно многу. И за моето исклучување, меѓутоа и за неговото заминување. По однос на тоа дека тој завршил со Петре Шилегов, јас нема да дозволам она што го имам направено во својот живот професионално, но уште повеќе политички, она што го имам направено за СДСМ и што сè уште го правам, да го валка човек кој што е нестатутарно избран за претседател. Платформата си продолжува, стратегијата се развива ќе го замолиме ова раководство на СДСМ да си замине да ја ослободиме политичката партија“, одговори Шилегов.
Одлуката за исклучување на Шилегов од СДСМ треба да ја потврди Централниот одбор на партијата.











