Струшкиот затвор да стане женски затвор. Предлогот го соопшти министерот за правда, Игор Филков, но потребни се законски измени таа установа која досега беше дом на видни имиња, осуденици од политиката и бизнисот, да ги преземе затвореничките од КПУ Идризово.
Министерот за правда, Игор Филков беше во работна посета на КПД Струга, кој е од отворен вид, пришто од директорот Ардит Мустафаи беше запознат со условите, со капацитетите, со човечките ресурси и со можностите за ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица.
,,Ги видовме состојбите, ги видовме капацитетите на затворот. Ја реактуелизиравме идејата за комплетно женски затвор со тоа што би се преадаптирале многу работи и цело женско одделение од затворот Идризово би се префрлило тука, а затворениците од овде ќе бидат преместени во друг. Се договоривме да се изготви проект и тогаш ќе знаеме колку финансии ќе се потребни“, рече Филков, посочувајќи дека во ниеден затвор во државата состојбите не се најдобри и не е вложувано со децении.
КПД Струга има капацитет за 60 лица, а во моментов 21 лице издржуваат затворска казна. Со оглед на тоа што станува збор за затвор од отворен вид, на осудените лица им е овозможено да бидат работно ангажирани. Идејата е да се пристапи кон изготвување на проект со цел да се утврдат финансиските импликации, затворот целосно да се пренамени за потребите на женската затвореничка популација.
„На овој начин се стремиме кон зголемување на безбедноста на затвореничките и целосно дистанцирање од проблемите со кои се соочуваат во КПУ Идризово. Воедно, постојните затвореници од Струга ќе бидат прераспоредени во други затворски установи“, додава Филков.











