Се разнишува европскиот безбедносен поредок и се уриваат многу илузии. Мирот во Европската унија не може повеќе да се зема здраво за готово. Ова е дел од пораките кои претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги упати до пратениците во европскиот парламент на кои денеска им ги презентираше плановите за јакнење на европската одбрана пред заканата од руската агресија, но и губењето на поддршката од САД, велејќи дека Европа се соочува со криза на нејзината безбедност.
„Времето на илузии сега заврши. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана. Не во некоја далечна иднина, туку веќе денес. Не со чекори, туку со храброст што ја бара ситуацијата. Ни треба наплив на европската одбрана. И ни треба сега“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Фон дер Лајен притоа го презентираше планот кој Комисијата го претстави пред Европскиот совет минатата недела за јакнење на европската безбедност со поголемо инвестирање во одбраната преку производството на оружје и опрема за самите земји-членки, но и како помош за Украина.
„Сакаме да го повлечеме секој финансиска лост што го имаме за да го зајакнеме и забрзаме нашето одбранбено производство. Со планот „Повторно вооружување на Европа“ можеме да мобилизираме до 800 милијарди евра“, рече Фон дер Лајен.
За таа цел ќе се активираат нови фискални правила на Унијата, која според планот на Комисијата, може брзо и ефективно да ги трансформира буџети за одбрана на земјите-членки и да мобилизира до 650 милијарди евра во следните четири години. На земјите ќе им се понудат и заеми до 150 милијарди евра за стратешки области од индустријата за јакнење на европската одбрана. Дополнитлено и дел од кохезивните фондови ќе можат да се пренасочат на проекти поврзани со одбраната, а се предвидуваат и мерки за мобилизирање на приватни инвестиции.
Фон дер Лајен обраќањето пред Европскиот парламент го заврши со зборовите дека е време да се изгради европска одбранбена унија која обезбедува мир на континентот преку единство и сила и дека ова е моментот на Европа.
Тамара Грнчароска











